25/09

Известување од одржан Собир на доктори во регион Струмица со дел од раководството на СКМ

На ден 22.09.2015 година во Струмица

По барање на регионалниот одбор на СКМ – Струмица и со планот на раководството на СКМ на чело со Проф. Д-р. Владимир Поповски за посета на регионите за приближување кон членството и поголема транспарентност на СКМ беше одржан Собир на Доктори, на кој беа присутни триесетина доктори на стоматологија од Струмица.

Како членови од раководството беа присутни˸

Претседател на СКМ, проф.д-р. Владимир Поповски,

Претседател на Собрание на СКМ, д-р Круме Чесноски

Член на И.О. на СКМ, спец. д-р. Владо Јорданов.

Во својот говор проф. Поповски ги истакна активностите на СКМ во однос на преговорите со Ф.З.О.М. и Министерството за Здравство, со посебен нагласок на активната соработка со овие институции,при што ја нагласи поканата од парламентарната комисија за здравство како прв официјален ангажман на СКМ и најави зголемена активност во донесувањето на промените на Законот за Здравствена Заштита, во која за првпат е дадена можност за активно учество на СКМ.

Се информираше членството за донесувањето на новите правилници за делувањето на СКМ.

Во делот на меѓународната соработка беше нагласено дека е остварена средба со Бугарската Дентална Асоцијација, во која се размените искуства како и побарана помош за интеграција на СКМ во Европските дентални организации.

Беше отворена дискусија во која зедоа учество повеќе колеги и беа презентирани повеќе сугестии во делувањето на СКМ˸

  • Интензивирање на преговорите со Ф.З.О.М

Да се бара модел на распределба на осигурениците, кои немаат избрано матичен стоматолог.

Да се воведат задолжителни посети на матичниот стоматолог на секои 6 месеци.

Да се ограничи пакетот на услуги на пациентот во текот на една година,кои би биле на товар на Ф.З.О.

Да се прошират услугите на матичните стоматолози.

Да се направи анализа Пакет на услуги и Капитациониот модел.

Да се земат во предвид и реалните материјални трошоци на стоматолошките ординации.

За специјалистичките ординации да се преговара за заботехничките лабаратории,но да се земат во предвид и материјалните трошоци кои ги имаат оралните хирурзи.

Во делот на К.С.У. беше побарано од СКМ да се ангажира во поквалитетна едукација,како и подобра организациона поставеност на самите форми на К.С.У.

На ова беше одоговорено од д-р. Круме Чесноски, дека бараните промени веќе се вметнати во новиот правилник на К.С.У. и дека со нивното стапување на сила ќе бидат спроведени од страна на СКМ.